Sunday, February 12, 2012

Слобода




Секоја остварена цел е подеднакво уништен сон. Затоа постојат етапни цели или етапни сонови кои секогаш си ги поставувам пред да бидам повлечен надоле. Идејата на текстот најпрвин ми беше да го опишам качувањето на мраз кое го направив во Австрија, но се премислив. Решив да пишувам за слободата на човекот а за искачувањата нешто подоцна деновиве. Најлесно е човек да биде во последна линија на отпор со сопствената слобода, слобода која зависи од секојдневниот живот, обврски, работа, љубов со пранги на срцето а слобода во рацете. Луѓето најчесто се чувствуваат слободни со секојдневните занимации или во блискиот круг на пријателите, никогаш во себе и во сопствениот ум затоа што најчесто и незнаат како. За вистински да се чувствуваш слободен потребна е пасија кон нешто, било што се додека е инволвиран надворешниот свет, за мене се тоа планините, карпите, мразевите. Нешто што би можело да допре до одредени наши човечки сетила, да предизвика емоции и зависност, подеднакви како љубовта.

Изминативе 7 дена бев во можност да уживам во таа слобода, слободата на животот, на пасијата која ја носам во срцето од мали нозе, на места каде што ретко помислува човек а уште помалку и да дојде до контакт со таа моја слобода. Не сакам да звучам премногу метафизички но сакам да ви доловам како можат работи кои се на дофат од неколку часа да бидат вистинска слобода.

Секој од нас носи во себе искра хедонизам кој многу ретко ја користи како карта за да ужива во слободата, а слободата доаѓа природно со човекот, таа е инстинктивна, не може било кој да ја забрани на било кој начин. Човекот потекнува од природата па и токму затоа најчесто таму се чувствуваме убаво, пријатно, изолирани од лагите и неискреноста, лицемерието и звукот на цивилизираноста, од ропството кон змејот наречен „градски живот“.

Додека бев присутен тие 7 дена во изолацијата на природата, опкружен со комплексноста и звукот на северниот ветер си реков „вака можам цел живот да бидам слободен, планината никој не одбива“. Така и направив, години наназад уживам во слободата и животот која ми го дава. Сите во себе криеме планина на слобода, фигуративно или буквално, само што потребно е време да се истражи и да знае да се искористи. Таа планина може да биде клупа, парк, два квадратни метри земја, или сенка покрај езерска бреза. Денеска луѓето единствена работа која ја знаат за слободата е само нејзиното име.

Како се вика твојата слобода ?