Wednesday, March 23, 2011

Првенствена насока на Миленков Камен



Aко има подобар начин да се стартува личен блог, тоа е првенствена микс насока. Подолу е оној официјален извештај за техничкиот дел од насоката, а деновиве ќе шкртнам и нешто повеќе. Веројатно тоа би било некое подетално или лично доживување. Малку ми се неколку реда како и многу други работи кои ми се малку, отом-потом ваљда.


Во текот на изминатиот викенд 12-13 Март 2011 за време на алпинистичкиот семинар, алпинистите од клубот Матка, Здравко Спасев и Крунослав Аџиевски искачија првенствена насока на Миленков Камен.

Насоката по својот вид е комбинација на мраз, снег и карпа и е со должина околу 500 метри. Тежината се движи некаде околу (WI3+ , М4) со тоа што самата состојба на снегот беше многу лавински нестабилна и критична. За нешто повеќе од 2 часа насоката беше искачена со оглед на фактот дека пристапот е цели 3 часа. Одлично постигнато време.

Насоката се простира од самиот излез од шумата по тесниот кулоар во кој овој пат се пропаѓаше доста и движењето беше далеку отежнато до првиот скок на мраз. Константно постоеше лавинска опасност низ цела насока со оглед на големите грутки снег кои ги гледавме додека се искачувавме. Стреите исто така беа преголеми, опасни, надвиснати и тешки за излез од било која насока без да се ископа дупка.

Првото сидриште одма го поставивме над првиот скок со мраз од насоката каде што имавме поставено тубуларци како безбедносни точки. Овој скок по тежина беше втор со оглед на тоа што следуваше погоре а мразот беше доста стабилен и цврст и беше некоја гаранција за сигурно забодени алатки во него. Насоката потоа продолжува нагоре кон еден теснец  во кој имаше доста снег, па за да избегнеме можна лавина се движевме по крајот и низ карпа за да дојдеме до вториот скок на мраз. Овде се движевме многу брзо, поминавме многу должини и цело време бевме во паралелна наврска, Круно напред, јас позади го следев и вадев тубуларци со брзина на ферари.

По неколку јажиња поминати дојдовме до третиот скок кој беше микс помеѓу тенок мраз и карпа! Фасцинантен поглед и дел во кој се мразевите, кулоари исполнети со микс качувања ..чувствува висината и експонираноста. Вистинско алпско доживување. Нагибот тука достигна околу 60 степени и тоа во мал каминест дел каде што навистина е потребна техника и со дерези и со бајли поради тенкиот мраз. Тука користев техника (hooking) односно само ги вметнував бајлите во веќе направените дупки од тие на Круно, поинаку ако се проба, ќе заглавиш.

Сидриште направивме одма погоре на дрвото одма под самиот гребен и оттука траверсиравме во лево каде што следат уште неколку должини и излеговме на единственото место каде што немаше големи стреи на сртовите. Морам да нагласам дека во неколку ситуации карпата дозволуваше френдови како безбедносни точки и беа одлично поставени. Излеговме одма под врвот и како точка на отстап ни беша одма над бачилата. Се спуштивме и влеговме во шумата за да се вратиме во поставениот камп после неколку часа пешачење.



Локалитетот Патишка Река содржи безброј можности за секаков вид на алпинизам. Северната страна, мразевите, кулоари исполнети со микс качувања и карпите се само дел од квалитетот и припремата на алпинистот за било која акција надвор од Македонија.

Името на оваа нова насока е  „Жижек“.

No comments:

Post a Comment