Wednesday, August 24, 2011

Contribute за денивелација

Пред некое време ми стигна текст во прилично долга ама одлична форма. Срочен убаво, пиц-пец. Ми го испрати добар другар, мој човек. Одвоив време, го прочитав и мислам дека е „must read“ за сите кои се занимаваат со планински спортови. Се работи за многу квалитетен и суштински тренинг за кој вреди да се обрне повеќе внимание од вообичаеното, а верувам го имате.

Секој што работи со полна пареа за да се подобри себе посветува многу внимание, време и дел од срцето за она што го работи. Почитувајте го тоа. Почитувајте ги луѓето околу себе кои работат на себе. Почитувајте го  храброто срце. Избришете ги стереотипите, твојата суета, твоето его. Променете се уште од денеска, затоа што на секој еден од нас му е потребен некој во животот за да успее. Затоа што оној кој дава отпор на искушението знае како е да се биде јак, не е ниту среќа, ниту генот, туку е крвав и посветен тренинг.

Текстот е подоле, фала другар.

"Beyond Good and Evil"

„Секогаш сите се прашуваат што е она што е најважно во планинските спортови, особено во алпинизмот. Многумина на прво место ја ставаат опремата, други физичката подготвеност. Но, алпинизмот е ментална игра. Може да ја имаш најдобрата опрема, може да бидеш подготвен да трчаш со 17 kg товар 24 часа, може да качуваш слободно VII, да бидеш способен за многу работи, но тоа во планините само ќе те воведе во невоља. Она што доаѓа одвнатре, тоа е она што те движи. Toa и помага во многу нерешливи ситуации, во кои често стравот би преовладал во паника. Многу наврски направиле неверојатно достигнувања, само поради цврстата волја, и правилниот психички пристап кон качувањето.

За голем дел од моите дела како патоказ сум ја имал литературата на екстремниот алпинист Марк Твајт. Него нема да го најдете меѓу колекционерите на 7-те врвови, ниту пак било какви комерцијални активности. Тој без влакна на јазикот ги напаѓа оние кои немаат свој дефиниран став во качувањето, но во своите дела несебично го изнесува своето огромно искуство, и го нуди на сите оние кои им е потребно. Неговите мисли се јасно дефинирани, без најмала доза на мистика и езотерија, инженерски концизен, нешто што е клучно за успех во екстремниот алпинизам. Тој човек ја даде дефиницијата за екстремниот алпинизам (повторно), користењето на малку опрема, брзите качувања, основите кои ги зацрта Херман Бул, потоа Касин, Бонати, Ребуфа, Меснер...Учел од големите мајстори како Џеф Лоу, Џоун Бушард,... Добар дел од денешните успешни екстремни алпинисти биле негови партнери, Стив Хаус, Винс Андерсон, Марко Презељ. И денешните достигнувања, од калибарот на искачувањта на покојните Џони Коп и Мика Даш, и рекордите на Ули Штек, во секоја своја трошка, директно или посредно, ја носат филозофијата на литературата на Твајт. Овде пренесуваме превод на упатствата за психолошки тренинг, кој нас ни послужи во голема мера и кој сеуште повторно го читам(е). Се надеваме дека ќе им користи на многумина.“

Психолошки тренинг
               
Умот го управува телото. Волјата, свесноста и разбирањето можат да се напреднат низ конзистентен и соодветен психолошки тренинг. Иако алпинизмот е повеќе психолошки отколку физички предизвик, нема никаква разлика: истовремено е и психолошки и физички. Меѓутоа, менталните гледишта на алпинизмот се едни од најосновните.
Умот се развива како одговор на секојдневниот живот. Ги задоволува потребите на живеењето во општеството, во светот на мала наморска височина. Подготвувајќи се да престојува и дејствува во потполно поинаквите услови во планините алпинистот користи физички тренинг повеќе од било кој друг облик на подготовка. Но целиот ваш телесен тренинг зависи од тоа што се случува во вашиот ум во истото време додека се одвива физичкиот тренинг. Вашите перформанси на планина се едноставно израз на идеите и идеалите кои се закотвени во вашиот ум.

Свесност                                                                                    

Луѓето настојуваат да веруваат дека треба силно да се концентрираат за да извршат некоја цел – дека концентрацијата е бенефит од насочувањето на вниманието присилно и прецизно на зададената задача. Концентрацијата на едно нешто, како и да е, исклучува многу други. Со доброволни слепци, концентрираниот ум станува помалку внимателен. Од друга страна, внимателниот ум врзува се. Наместо да се концентрира на една единствена задача или еден единствен дел од ситуацијата, се насочува на сите гледишта. За да се направи ова потребно е напуштање на свеста и да станете акција. Само во оваа умствена внимателност, без избор, без желба, без свесен правец за вниманието, имаме вистинско забележување. Со ова забележување можете да одговорите точно на променливите околности на планинското опкружување и вашето место во истото.
Свесноста ја дефинирам како внимание неоптоварено со мисли или судења, без помнење или размислување, тоа е живеење во сегашно време. Свесноста ги симнува филтрите од вашето минато искуство, дозволувајќи едно непосредно искуство. Свесноста е еден од условите и состојбите на нашето опкружување која дозволува врвни перформанси дозволувајќи му на умот да ја насети суштинската ситуација и да одговори веднаш. За да ги разберете опасностите и можностите, барањата и личниот капацитет, теба да станете бистар додека трепнеш.
Свесниот алпинист постојано ја надгледува својата положба, поставувајќи си прашања: Треба ли да одам побрзо? Можам ли? Колку долго? Дали моите одлуки се изменети поради дехидратација, недостаток на храна, или неспиење? Какво ќе биде времето? Алпинистот е во можност да го насети сето она околу него и да реагира.

Релаксација                                                                            

Ситуација која предизвикува страв треба да го потсети алпинистот да се опушти – да ги пушти умот и телото да одат, отколку тој самиот да ги управува. Но ваков вид реакција кон стравот бара високо ниво на ментален тренинг, доверба, и искуство. Можете да се препуштите на инстинктивната реакција само ако сто проценти верувате на способноста на вашето несвесно да управува со активноста. Потребен е потполно поинаков начин на размислување од оној на кој подучуваат Западните цивилизации.

Качувањето е полно со стимулирање на сетилата кои, преку себе-програмирање, можат да станат знаци за релаксирање. Јас автоматски се опуштам кога ќе чујам и почувствувам дека цепинот пропаѓа длабоко во мразот. Се програмирав себеси да се релаксирам кога ќе го слушнам звукот на ѕвонење на кружната лопатка на стариот цепин Stubai. Како добро закован клин, ми звучеше добро кога алатката влегуваше – и секогаш кога ќе го направев тоа, ја ослободував рачката на цепинот и висев на гуртната. Кога го солирав Слипстрим (Slipstream) на Канадските Карпести планини, се изгубив во ова ѕвонење.

Рас Клун (Russ Clune) ми рече дека го користи звукот на вратичката на карбинерот која се затвора како негов потсетник да се релаксира. Почнав да забележувам колку удобност произлегува од знаењето дека сум се прикопчал за некое цврсто парче, а звукот на карабинерот беше клучен. Тогаш се обидов вештачки да го создадам и слушам „звукот“ во мојата глава кога сум под стрес–и функционираше. Денес можам да предизвикам релаксација практично по желба, посебно кога светот се полни со лајна, паника и морам да се релаксирам најмногу.

Медитација                                                                                      

Да научите да ја користите медитацијата, а ја има во многу форми и е корисна алатка за алпинистите. За нашите потреби медитацијата се состои од способност да се изврши некоја дадена задача без отргнување на вниманието кое е неопходно и за физичкиот тренинг и за самото качување. Без мирен ум секоја физичка активност ќе биде попречена од самиот ум.
Многумина ја одделуваат медитацијата од другите активности, ставајќи ја во временски распоред пред тренингот или качувањето. Најдобрите пак медитираат додека тренираат или качуваат. Оваа активна медитација, слична со пасивната, ги поврзува мислата и дејството, перцепцијата и реакцијата, наместо да ги раздвојува компонентите. Краен резултат е соодносот помеќу психолошкото и физичкото.
Помнењето и искуството се форма на предрасуда. Иако се погодни патокази за работа со свесен ум како подготовката и планирањето, тие можат да ги запрат несвесните, интуитивни дејства. Преку медитација и развивање на свесноста можете да научите да постапувате веднаш и интуитивно врз основа на она на кое што треба да внимавате. Тоа е многу подобро одошто да се реагира по навика на некоја предодредена цел за дадената ситуација. Реакциите засновани на навика можат да ве убијат. За да научите медитација, почнете со читање се што можетe да најдете на таа тема. Потоа продолжете на своја рака. Учете боречка вештина или одете во центар за обука за медитација. Што и да одберете, обидете се да ја зачувате врската меѓу медитацијата и качувањето планини. Верувајте дека работата на умот ќе ви помогне во качувањето.

Визуелизација
                                                                                                                     
Визуелизација е ментално повторување на некоја активност со затворени очи како на пример качување на некоја комплицирана должина. Потребна е имагинација. Визуелизацијата бара однапред верување во вашата способност дека можете да ја постигнете целта. За време на визуелизацијата, ментално испробајте ги можните движења и одлуките за бирање на насока според она што го очекувате од фотографиите, скиците и описите. Заземете посебна состојба на умот или повикајте ја свеста потребна за качување. Поминете ја целата насока претходно во вашиот ум или умствено испробајте некоја посебна должина пред да го направите првото движење.
Во визуелизацијата, замислете го секој детал: колку ќе биде студено, дали сте задишани, дали треба да ги извадите ракавиците за да поставите опрема, се чувствувате одморени и сити, дали времето се расипува или паѓа ноќ. Таквите детали му даваат на замисленото дејство повеќе живот и веродостојност. За да ја зголемите вашата блискост и запознаеност со ситуациите на планина кои можат да ви се попречат на патот, читајте книги за алпинистички качувања. Верните приказни, внимателно анализирани и комбинирани со вашата имагинација, помагаат во визуелизацијата и испробувањето во вашиот ум. Тие можат да ги зголемат вашите способности за да решите некој проблем за кој инаку е потребно долгогодишно стекнато искуство.
Избегнувајте градење на самоодбрамбени стапици во вашата свест. Не визуелизирајте неуспех и лоши перформанси. Кога еднаш ќе почнете сесија, не запирајте се додека успешно не ја извршите визуелизацијата. Секој имагинарен погрешен чекор во вашиот ум како вадење на погрешното парче опрема или ограничување на вашите способности со предвидување на посебно место за бивак, ги програмира овие грешки или самонаметнати ограничувања во вашата потсвест. Ако се затекнете себеси дека го правите ова, запрете. Почнете пак од почеток, и постојано вежбајте додека не се видите себеси да да ги правите правилните решенија и дејства, од почетокот до самиот крај. Повторувајте за да добиете успех.
Немојте да се збуните и да ја помешате визуелизацијата со планирањето. Визуелизацијата го подготвува умот, дозволувајќи му да ги искуси чувствата, мислите и дејствата кои ќе ги употребите на планина. Визуелизацијата е креативен процес од десната хемисфера на мозокот.
Планирањето е подготовка за посебни случувања или дејства кои ќе ги направите или кои ќе се случат; тоа е процес од левата хемисфера од мозокот. И обата процеси се неопходни. Во својата книга за солирањето на Нанга Парбат, Рајнолд Меснер напиша: „Го планирам однапред само она кое е апсолутно неопходно. Верувам во тоа да се биде независен – а тоа значи дека не сакам да бидам зависен од мојата иднина.“
Планирањето налага да знаете што ќе се случи, да имате контрола над случувањата во планините. Контрола? Не, тоа е поблиску до хаос. Само суетата налага да имаме контрола над случувањата на планина. Ако сте планирале детални дејства основани врз преземањето контрола, ризикувате да станете жртва на вашиот план бидејки сте зависни од вашиот план. Морате да бидете независниод вашата иднина. Пристапете темелно, ментално подготвени, знаејќи дека секоја акција ќе ја преземете тогаш кога ќе постои потреба за таква акција. Бидете отворени за сите можности. Подгответе го умот, телото и опремата за да одговорат на многуте ситуации кои можат да настанат сами од себе. Но не сметајте дека ќе видите било што.

Мозочна синхорнизација

Елитните спортисти во сите дисциплини, како олимпијците Пикабо Стрит (Picabo Street) и Гари Хол Јуниор (Gary Hall Jr.) , ја знаат важноста на синхронизираноста на левата и десната хемисфера на мозокот кога спортуваат или тренираат. Ги скратува времето и бројот на повторувањата потребни за да се научи некое движење или да се насочи релаксацијата, спиењето, будноста, фокусирањето и свеста кога мозокот е во синхронизирана состојба.
Оние кои многу ја применуваат оваа метода влијаат и на тоа која страна ќе влијае на некоја активност. На пример, тренингот е свесна модификација на левата половина од мозокот која користи посебни шеми. Десната половина управува со натпреварувањето и можностите, слободното и креативното изразување на тренираното однесување. Несинхронизираната мозочна активност, или брзо префрлање од напред и назад на контролата од една кон друга страна на мозокот, се смета дека е едно од главните виновници за недостатокот на вниманието – што не е баш најдобра состојба за постигнување на врвни пеформанси.
Модерните техники дозволуваат да се тренира синхронизирањето на двете хемисфери. Неколку компании произведуваат синхронизациони алатки кои користат звучни и светлосни фреквенции за да влијаат кон некои мозочни состојби. Кога почнав да ги користам Хеми-Синк (Hemi-Sync) лентите и програмата Спротслинк, (Sportslink) сакав да се релаксирам, да се опоравам и да спијам подобро. (за додатни информации погледнете под „Алатки за мозочна синхронизација“ на крајот на Додаток 2, Препорачана литература.) По неколку месеци, ја намалив несоницата од две ноќи во неделата до околу две ноќи на месец. Додавајќи мала количина на контрола на мозочните состојби помогнав во моето тренирање и качување.
Кога се насочувам себеси со десната половина од мозокот пред почетокот на должина, качувам поглатко и поефикасно отколку што си замислував–се додека некоја мисла не ме прекине. Тогаш повторно сум стариот, свесен, претпазлив, помалку внимателен Марк додека се регрупирам, ресинхронизирам и се вратам во колосек. Користењето синхронизација на хемисферите заедно со визуелизацијата е еден од најдобрите начини за да се подготвите за тешка насока.

Психолошка аклиматизација  

 Кога мислиме на качување насоки над границите на своите можности може да биде тешко да се објасни истото. Да се направи чекор од качување насоки кои достигнуваат 1000 m во релативно цивилизирана околина како на пример Алпите се до насоки од 2000 m до скоро 3000 m во изолираните планини во масивите во Алјаска или Хималаите, може да ја тргне контролата од мозокот. Ми требаа три недели да се навикнам на идеата на изолирање од околината, со доста малку опрема на Маунт Хантер во Алјаска; толку долг период ми требаше да се свикнам на планината и да ми стане удобно.
Прво, сфатете го проблемот. Подолго време е потребно да се сфати како ќе се качат потешки и поекспонирани насоки. Долго време е потребно за прифаќање на поголемиот ризик и посветеноста на големата, страшна планина во споредба со помалите и помалку опасни планини. Ќе наведам некои техники. Визуелизирајте дома, или останете малку подолго во базниот логор. Испитајте ги критичните места на насоката за да знаете колку ќе ви треба да се качите до некое место. Разгледајте ја отстапницата за да научите колку долго и како ќе се симнете.
Некои насоки налагаат неколку обиди, за чие реализирање се потребни денови или дури и години. Во 1997 John Bouchard и Mark Richey во алпинистички стил се обидоа на северниот гребен на Латок во Каракорум. Џон и Марк се придружија на списокот на многумина кои не успеале таму. Некој може да го смета тоа за залудно патување до таму. Но умниот и посветен алпинист учи од секоја грешка, расудува што било погрешно, се обидува да да го измени она што може да се измени и евентуално пак се обидува да ја качи насоката. По првиот обид, Џон и Марк станаа најквалификуваните алпинисти за да ја качат насоката зашто тие ги имаа најсвежите информации. Наредниот обид една година подоцна беше затворен заради неразумно лоши временски услови. Ако има нареден пат, тие ќе поседуваат неспоредливо знаење за тоа како да продолжат. Користењето на медитацијата и визуелизацијата во спој со анализи на самото место или претходни обиди не само што ја зголемува вашата психичка активност, туку и го забрзува процесот на стекнување удобност во планината. Ослободувањето од психолошките стеги кои ве сврзуваат за тлото може да ве лансира напред. Не дозволувајте ништо да ви попречи кон вашата оддаденост. Оставате ги општеството и тривијанлоста на секојдневниот живот така што вашата свест ќе стане полесна и поприлагодлива, ослободувајќи енергија за проектот.

Користете го времето потребно за аклиматизација кон големата височина за да се ослободите од било какво збунување и пречки. Активно медитирајте за време на часовите на умствена активност. Присилете се себеси да живеете во сегашно време, без спомените од нормалниот живот да влијаат на дејствата кои ги преземате во непозната средина. Практикувајте го овој процес дома за да можете брзо да се прилагодите и да стекнете алпинистичка свест. Кога сте на планина, живејте во сегашно време.

Перформанси
За време на самото качување зголемете го нивото на внимание. Отворете се себеси кон планината. Бидете подготвени да видите и да почувствувате било што. Дејствувајте и реагирајте во целосна слобода основана на она што го гледате. Не очекувајте ништо. (Ова не се коси со визуелизацијата, која е дел од подготовките, а не перформансите.) Свесното размислување некогаш е витално, но понекогаш едноставно е залудно трошење време зашто веќе ионака знаете што да правите. Некогаш ќе набљудувате или ќе учествувате во некои ситуации под услови кои се потполно надвор од вашата контрола. Може да помислите за овие случки по нивното збиднување и да ги анализирате, но додека се случуваат, одговарајте на нив спонтано и природно како да сте се тренирале себеси да правите така.

Голема грешка во качувањето (и во сите други работи) е да го предвидувате исходот. Не сметајте на тоа дали ќе успеете или не. Оставете природата да си го направи своето. Вашиот тренинг, подготовки и посветеност ќе ви дозволат да дејствувате во вистинското време и да ги користите погодните мерки за да решите некој проблем.Многу луѓе по навика внесуваат грешка во своите перформанси. Кога ќе застанев на клупата под тегот, и ќе му речев на помошникот да внимава на трите кревања, бев доволно сигурен дека тоа е она што го можам. На мојот ум му беше убодно со идеата да се откажувам до три. Тоа го кажував и живеев со тоа.
Искусив и едно потајно, потсвесно ниво на предодредена грешка во планините. Кога насоката е 500 m висока, изморен сум по 500 m – но кога насоката е 200 m висока, не сум изморен по 500 метри. Претходно потсвесно се одлучувам каде би бил изморен. Тешко е да се искорени навиката. Дејствувајќи и реагирајќи со оглед на она коа во суштина го искусувам е единствениот начин да се ослободам себеси од ова ограничување.

Враќање

Алпинистот најчесто поминува една или две недели на физички и психички аклиматизационен процес пред качувањето. По качувањето, настојува да се врати дома што побрзо. Се враќате во нормалното општество за еден до пет дена и брзо сте потопени во сосема поинаква средина и систем на вредности. Изложени сте на близок надзор и испитување од страна на вашите сакани и можеби враќање и на вашето работно место речиси веднаш.
Драматичните промени во опкружувањето не се совпаѓаат со истата смена во вашата свест. Потребно е време да се преприлагодите. Процесот ќе биде уште потежок по патување после стрес вклучувајќи несреќа или смрт. Оние кои не учествувале во тоа искуство не можат вистински да сфатат низ што сте поминале, и ќе ви биде тешко да комуницирате. Може да згрешите при правењето избор меѓу живот или смрт за време на качувањето, и тоа ќе биде вистинската последица од вашите дејства.
Проблемот е внатрешен, и морате да научите да се справувате со него. Морате да ги едуцирате вашите сакани за овој процес и да им дозволите да ви помогнат за истиот. Препознавањето на проблемите е прв чекор. Да си дадете себеси време за да се аклиматизирате кон општеството и животот на мала надморска височина е најдобриот подарок кој можете да си го понудите себеси. Обидете се да не се вратите на работа веднаш. Олабавете. Одморете. Релаксирајте се. Гледајте филмови. Возете се со автобус. Бидете тривијални.

Опоравување                                                            

Поставете си време за да се опоравите не само физички туку и психички пред да почнете да тренирате одново. Пуштете го мозокот на пасење. Гледајте многу телевизија или читајте некои евтини шпионски романи или пак напијте се некое пиво. Срамот на дополнителните масти кои ќе ги насоберете ќе ве натераат да тренирате многу посилно. Одмор од екстремната самодисциплина потребна за тренинг освежува и ве заштитува од прегорување, а со тоа овозможува долга и богата алпинистичка кариера. Одморот помага и да го скршите циклусот на посветеност за да качувате потешко, повисоко, побрзо и подолго како што вашиот ум се прилагодува на посветеноста и ризикот на суровите насоки.
Одморот не значи дека треба да се откажете од качување. Качувањето карпи и замрзнати водопади ќе го задржат мускулниот тонус без да направат многу штета. Проучувањето и читањето на стручна литература го задржува умот активен и го храни апетитот за наредни проекти. Некои хобија, како боречки вештини, стрелаштво, трки со мотоцикли го негуваат вештините за донесување одлуки и самовниманието без да ја прегорат желбата за качување. Искористете го времето за одмор за да еволуирате како личност, без да почувствувате вина за допуштањето себеси еден период на релативен одмор.

Психолошките аспекти на алпинизмот се многу потешки за совладување од ошто физичките. Методите и рецептите за ментален тренинг се специфични за секоја индивидуа. Изворите во форма на книги, школи и инструктори го обврзуваат алпинистот да копа многу подлабоко во внатрешноста на својот ум. Идниот напредок на алпинистот се одвива во умот. Напредувањата во физичката подготвеност и развојот на опремата ќе овозможат само бавен и релативен напредок, додека големите чекори се резултат на совршениот ум на малкумина надарени алпинисти.




No comments:

Post a Comment