Saturday, August 25, 2012

Кога „хероите“ потфрлуваат


Хероите се создаваат. Не се раѓаат. Таква е приказната за „големиот“ Ленс Армстронг кој вчера после последниот повик на USADA за жалба против допинг, тој реши да не го води спорот и да се повлече од понатамошни борби со судовите. Одземени му се сите резултати и титули во периодот од 1998 па се до 2005. Избршани се сите достигнувања во негово име.
Обвиненија за користење на EPO, тестостерон, кортикостероиди, трансфузија на крв итн.

Ова беше сосема очекувано ако сте ги прателе обвиненијата во последниве години кои му се закануваа и не е ништо ново, бар за мене тоа беше јавна тајна. Ленс е голем идол на многу млади и многу луѓе низ светот вклучувајќи ја тука и Македонија како земја препарирана од било кој спорт.

„Искрено мислев дека големиот Ленс Армстронг ќе се договори со светската анти-допинг асоцијација и ќе ги подмири сите несогласувања со тоа што ќе плати одредена сум на пари, однапред договорена со адвокати, и ќе си го задржи авторитетот. Меѓутоа Ленс во последните 5 години создаде империја базирана на неговиот бренд и егото му растеше од ден во ден. Парите со кои требаше да се „купи“ Ленс се дури сега под знак прашалник и се водат како измама“ вели колегата Џорџе од Eurosport кој е цела деценија во спортот.


Одземањето на титулите и одлуката на USADA не е од вчера, ниту сега решила да го води спорот со Ленс, веќе подолго време собираше докази и е една од најголемите институции кои ден денеска врши тестирање на Олимпијади и Параолимпијади. Случајот е голем и на него работат цели тимови и извршители кои со години собираа докази и сведоци за да успеат во она што го зацртаа „откривањето на вистината и прочистувањето на спортот“, можеби малку касно но никогаш не е прекасно за вистината.

Џонатан Вотерс, како и еден од клучните и најголеми сведоци, америчката звезда Џорџ Хинкапи (BMC Racing) кој ја снабдуваше допинг агенцијата со непобијни докази и факти во последниот период имаше најава дека се чека на негово пензионирање за да излезат сите докази пред арбитражата затоа што знаеме како завршија останатите : Иван Басо, Ландис Флојд, Херас, Белтран, Винокуров итн. Ова беа возачи кои газеа по асфалтот на Франција, Италија, Шпанија и многу други гранд турови заедно со Армстронг. Но кога преминаа сите тие во најразлични клубови беа казнети со по неколку години поради допинг.

Пратејќи го професионалниот велосипедизам во последниве години и пратејќи ги нашите спортски колеги новинари  од соседна Србија можам да заклучам дека кај нас во Македонија велосипедизмот благодарение на звездите во спортот се прошири. Меѓутоа, ова со Ленс што се случува го пратам одамна и никогаш не верував дека е чист.  Но многу од вас ќе кажат „поминал на сите допинг тестови“, „никогаш не бил фатен на официјални трки со недозволени дроги“, „најтестиран спортист на планетава“ итн. Така стојат работите, меѓутоа во светот на професионалниот велосипедизам поставено е поинаку.  Цела мрежа на доктори, спортски директори, возачи, тимови, спонзори и добавувачи се во играта која Ленс Армстронг ја играше заедно со нив и го контролираа велосипедизмот.

Нејсе, на Македонија како и на било која друга земја и е потребен херој, дали било национален или странски спортски херој не е важно. Потребен е да биде непобедлив, неуништлив и помоќен од било кога. Тоа им беше Ленс Армстронг, најлесно беше да се анимира публика со него. Ако памтите истото беше и со Михаел Шумахер. Единствено само Французите и Италијанците се сомневаа цел тој период во неговите успеси.

Во Македонија народот слепо верува и му се восхитува на Ленс Армстронг. Меѓутоа како што дојдоа медиумите и новите агенции така и дознаваме повеќе за допинг скандалите, за медицината и не може веќе било кој да ни се меша во манџата и да ни тврди дека Ленс бил најчист и дека не била најдени милион срања во неговата крв.

Еве ви мој личен спортски одговор. Допингот нема да ве направи шампиони, ама ќе ве направи побрзи. Но она што допингот нема да го направи за вас е да станете шампион на TDF. Кортикостероидот нема да ве искачи на Стелвио на Џиро, ниту нема да победите на хронометар од 50км.  Велосипедизмот не е магичен спорт па кога ќе се допингувате ќе почнат црвените крвни зрнца да го пумпаат срцето како ферари. Велосипедизмот е како секој друг спорт, аматери и професионалци.

Затоа тука постои Ленс Армстронг супер човек, идеален и создаден за да стане бренд и професионален профитер и бизнис партнер. Затоа и беше толку заштитен низ годините.

НО, она што многу блогери не успеаа да го доловат како нови во спортските случувања, е дека ова што се случи е на најголема штета на велосипедизмот. На никој друг. Се оцрни лицето на вистинскиот endurance спорт во светот и се оцрнија трудовите на многу чесни и вредни возачи. Не е ни важно веќе што понатаму ќе се случува. Се искриви сликата во необразованата Македонија каде што ќе се етикетираат спортистите како „наркомани“  а во други кругови ќе се делегира како „наместена работа “. Популарноста која ја има Ленс и во која се заработуваат милијарди евра во Америка несомнено донесе многу нови велосипедисти низ улиците на Скопје и Македонија но не донесе трки и публика.

Листа на допинг скандали - обвинувања против Ленс Армстронг
Обвинението против Ленс Армстронг од страна на USADA

(Denivelacija/Здравко Спасев)

No comments:

Post a Comment